Сведочење за „Насилство во Центар“: Полицијата имаше наредба да не реагира

На денешното рочиште за предметот „Насилство во Центар“ сведокот Јован Тагасовски, поранешен советник  од СДСМ, рече дека слушнал разговор помеѓу претставник на ОБСЕ и полицијата додека се случувале немирите.

Според неговото сведочење, претставникот на ОБСЕ го запрашал припадникот на МВР зошто не преземаат ништо, а на тоа полицаецот му одговорил дека имаат наредба да стојат тука и да не прават ништо.

Тагасовски, исто така, истакна дека при неговото доаѓање  забележал толпа граѓани во дворот кои ги прашал што бараат тука. На тоа граѓаните одговориле дека се од ВМРО-ДПМНЕ и дека се наоѓаат пред Општината за да ги спречат комуњарите да ја урнат црквата. Екссоветникот на СДСМ сведочеше дека за време на двете седници на 7 и 10 јуни додека траеле немирите, граѓаните се обиделе да влезат во Општината потмогнати од советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што вели Тагасовски, не се ни обиделе да им објаснат на насобраните граѓани дека на дневен ред нема никаква точка за рушење на црквата.

„Граѓаните се однесуваа насилно, фрлаа кон нас со тврди предмети, камења, јајца, шишиња. Нè пцуеја и ни се закануваа“, рече Тагасовски.

На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи дали препознава некој од обвинетите кои се во судницата, а биле дел од протестите, тој не сакаше да одговори.

На денешното рочиште сведочеше уште еден советник од СДСМ, Дарко Атанасовски, кој исто така рече дека за време на немирите имало полиција во Општината, но не преземала ништо и покрај нападите и пцовките и обидот толпата да влезе во Општината. Атанасовски истакна дека за време на седницата советниците од ВМРО-ДПМНЕ телефонски комуницирале со граѓаните кои биле надвор. Покрај другото, Атанасовски исто така потврди дека на дневен ред немало никакво рушење на црквата.

Запрашан дали препознава некој од обвинетите присутни во судницата, тој одговори дека препознава тројца од кои едниот го кажа со име – Александар Трајкоски, а останатите само ги поосочи.

Следното рочиште на кое како сведоци се повикани Никола Георгиевски и поранешниот претседавач со советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, е закажно за 30 август.

Во овој предмет на СЈО се обвинети експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште девет лица. На претходните судења вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите се товарат за поттикнување насилство, кое се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.

Треба да знаете
Последни објави