Поништен тендерот од 35 милиони евра за набавки на реагенси
Министерот за здравство го стопираше 35 милионскиот тендер за набавка на лабораториски реагенси. По бурните реакции и сомнежи во јавноста, Филипче со оправдување дека постапката не ја прекинале под нечиј притисок туку единствената фирма која доставила понуда имала некомплетна документација.
-Поради пoстоење одредени неправилности во документацијата на што укажа првичната евалуација, одлучивме тендерската постапка за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки и гасни анализи да ја прекинеме. Сметаме дека во овој случај и за овој тендер е некоректно да се склучи договор, иако Законот за јавни набавки дозволува да се склучи договор со една фирма понудувач. Ќе продолжиме со процесот на имплементација на концептот за централизација на лабораториите, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
И покрај контроверзиите во јавноста со милионскиот тендер и појавувањето на фирмата подизведувач АХР лаб, која била регистрирана пред 4 месеци и имала само двајца вработени, Филипче не се откажува од идејата за централизирање на лабораториите. Најави дека согласно законските процедури повторно ќе распишат тендер, без да одговори дали ќе ги променат правилата за да можат да конкурираат повеќе фирми.
Согласно законот за јавни набавки ќе видиме кога ќе распишеме тендер, сега ќе работиме на постапката. Во следната јавна набавка ќе ги имплементираме искуствата и забелешките за да нема недостатоци во самата тендерска документација и да не се случи вакво нешто повторно, вели Филипче.
Министерот за здравство и вчера и денеска со одговор дека не знае ништо за фирмата која се јавила како подизведувач на тендерската постапка. И додека Филипче најавува дека целта со овој милионски тендер е заштеда и за системот и за граѓаните, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не веруваат дека не знае ништо за фирмата и побараа да се повлече од функцијата.
Во европските земји на кои што се повикуваат, за ваков скандал паѓаат влади. Тоа што Филипче го поништи тендерот може да биде само олеснителна околност, но никако нема да го амнестира од кривична одговорност за скандалозната набавка. Кривичната одговорност мора да има за сите инволвирани во оваа зделка. Јавното обвинителство мора да истражи кој и на каков начин се обиде за 35 милиони евра да ги изигра јавноста и законите, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
Оставка од Филипче вчера побара и Алијансата за Албанците.