Собранието во сабота ќе ги гласа измените на законите договорени од лидерите

Собранискиот спикер Талат Џафери, за сабота ќе ја закаже пленарната седница на која ќе се гласа за нови членови на Државната изборна комисија, измените во Законот за финансирање на партии и Законот за Влада каде ќе се вметне делот за техничка влада по принципот на договорот од Пржино. Седницата ќе чека неколку дена бидејќи Џафери ќе биде отсутен од парламентот.

Трите точки требаше експресно да бидат изгласани во понеделникот, кога на лидерската стредба биле усогласени двата закони и притоа лидерите се договориле членовите на ДИК да се бираат по старата законска регулатива со двотретинско мнозинство, а не со 61 глас како што предвидуваа измените на изборниот законик.

Процесот бил закочен оти ВМРО-ДПМНЕ не доставиле кандидатска листа за членови на ДИК, а притоа барале во Законот за финансирање на политички партии да се промени делот за казните, каде затворските казни ќе се заменуваат со парични казни. Опозицијата побарала измена на членот 165 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, потврди министерот Дамјан Манчевски. Парламентарното мнозинство е децидно дека нема да гласа за вакви измени.

По членот 165-а од КЗ, се теретат функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Титаник“ на СЈО. Како осомничени во СЈО се јавуваат Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски, Елизабета Канческа Милевска, Сашо Мијалков како и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Ваквите барања на опозицијата, пратениците од СДСМ ги оценуваат како барање за амнестија. Процесот ќе биде откочен кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повлече овие барања. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, на прашање дали неговата партија се откажува од измените во Кривичниот законик рече „ Доколку овој закон кој што е дел од собраниската процедура и подразбира нов закон за финансирање на политичките партии има потреба од дополнително усогласување со кривичниот законик тогаш службите ќе си одлучат“.

 

Треба да знаете
Последни објави