Премиерот Зоран Заев оствари средба со јапонската амбасадорка, Кеико Ханеда.
Како што информираат од владината прес-служба, амбасадорката Ханеда му честитала на Заев за постигнатиот договор со Грција. Како што истакнала таа, по потпишувањето на истиот, чувството на меѓународната заедница е дека двете земји се големи пријатели.
Истакнувајќи дека Јапонија секогаш била голем пријател на Македонија, премиерот посочил дека особено ја цени поддршката што земјата во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.
„Имавме храброст со Грција да најдеме решение и да ја отвориме иднината, пред сѐ за младите генерации коишто доаѓаат. Со тоа и на светот му покажавме дека Македонија има демократски капацитет и волја за решавање на проблемите. Претстојниот референдум впрочем е највисокото ниво на демократија. Граѓаните се исправени пред тешка одлука, но верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука за својата и за иднината на своите поколенија“, потенцираше премиерот Заев.
Амбасадорката Ханеда нагласила дека Јапонија и натаму ќе ја поддржува Македонија во евро-атлантските аспирации и дека ќе продолжи да го помага развојот на Македонија во разни области.
Денешната средба премиерот ја искористил на амбасадорката Ханеда да ѝ изрази сочувство за бројните жртви во неодамнешните поплави што ја зафатија Јапонија. Потенцирајќи дека пријателството меѓу двете земји е зацврстено одамна, премиерот Заев истакнал дека по примерот на Јапонија, Македонија ќе ѝ помага на земјата секогаш кога ќе има потреба за тоа.