Седницата за референдумот закажана за 15:30, ВМРО ДПМНЕ ќе присуствува на седницата

Седницата за референдумот закажана за 15:30, ВМРО ДПМНЕ ќе присуствува на седницата

Собраниската седница, на која ќе се гласа за одлуката за распишување на референдумот ќе започне во 15:30 часот. Според информациите од мнозинството, на дневен ред ќе бидат две одлуки, таа за распишување на референдумот и одлука за распределување средства за таа намена.

ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на собраниската седница за распишување на референдумот, но опозициските пратеници ќе побараат од парламентарното мнозинство да се откаже од ставовите за референдумот.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во изјава пред Собранието го обвини парламентарното мнозинство дека продолжува со, како што рече, самоволието и тоа за најважното прашање, референдумот за Договорот за името.

„Свесни дека договорот е штетен, се обидуваат на сила да протуркаат повеќесмислено прашање, без да ги земат предвид аргументите на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не прифати да биде алиби на власта и единствено декор. Прашањето мора да биде прецизно и недвосмислено, за да можат граѓаните да одговорат со за или против“, изјави Јанушев.

Според него, во целиот процес се прават две крупни повреди. Има, како што рече, „брутално газење на воспоставената демократска практика кое било референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантите политички субјекти. Напуштањето на оваа пракса, додаде Јанушев, значи продолжување на самоволието на власта, непочитување на волјата на граѓаните и уште еден силен удар на демократијата од оваа недемократска влада.
„Втората повреда е и законска. Согласно член 15 од Законот за референдум,  прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со ‘за‘ или ‘против‘. Прашања кои се поврзуваат со други теми се двосмислени и може да доведат до забуна. Потребно е референдумското прашање да биде сосема јасно и прецизно и единствено поврзано со договорот“, рече генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За евентуален бојкот на референдумот, рече Јанушев, ќе одлучуваат највисоките партиски органи и јавноста ќе биде информирана.

„ СДСМ сака да протне договор за капитулиција. Бараме парламентарното мнозинство да се откаже од ваквото однесување. Заев и СДСМ имаат одговорност за антидржавниот и капитулантски договор“, изјави Јанушев.

Треба да знаете
Последни објави