Охрид преполн со туристи, се бара легло повеќе
Охрид шпицот на летната туристичка сезона го дочекува исполнет со гости, како оние што летуваат тука преку аранжмани на странски тур-оператори, така и со гости од земјата кои се тука за продолжениот празничен викенд.
Оваа сезона имаше потенцијал да биде рекордна по посетеноста, сепак останува да се видат податоците кои најверојатно нема да бидат онакви какви што се очекуваа, најмногу поради променливите временски услови и врнежливите денови невообичаени за овој период од годината.
Најбројни се гостите кои организирано летуваат тука преку аранжманите на неколкуте тур-оператори кои веќе редовно носат туристи од земјите на Бенелукс, Полска, Турција, Израел, Естонија, а бројни се и туристите кои доаѓаат на Охридското Езеро преку кружните тури што се реализират со соседните држави.
За празничните денови веќе допатуваа и викенд-гостите од земјата како и туристите од најблиското соседство односно земјите од регионот кои по правило се најбројни. Во моментов се бара легло повеќе што тешко се наоѓа, особено во приватните сместувачки капацитети во централното градско подрачје.
За бројноста на гостите во самиот „шпиц“ на сезоната придонесуваат и културно-забавните манифестации и концертите што по правило се организираат за празничните денови. Тука се концертите организирани во рамки на Фестивалот „Ohrid Calling“, содржините од програмата на „Охридско лето“, како и концертите што ги организираат ноќните клубови и дискотеките на крајбрежјето, со настапи на познати музички имиња од светот, регионот и домашни естрадни ѕвезди.