Владата на вчерашната седница го разреши Лазе Велковски од директорската позиција во Бирото за јавна безбедност. Според неофицијалните информации најсериозен кандидат за негов наследник на чело на БЈБ е Тони Јакимовски, досегашен началник на СВР Скопје.
Јакимовски важи за близок соработник на Велковски, а бил и член на МАРРИ регионалниот центар.
Предлогот за разрешување на Велковски беше поднесен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред една седмица, откако Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврдил дека џипот „ренџ ровер дискавери спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ бил пратен во Грција со налог потпишан од директорот на јавна безбедност, а со возилото управувал вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти. Џипот, според пишувањата на медиумите, ги превезувал ќерката на Велковски и нејзини другарки.