Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси, го откажа настапот за репрезентацијата во претстојните пријателски натпревари против Гватемала и Колумбија и со тоа повторно ја отвори дилемата дали неговата репрезентативна кариера има некаква иднина.
По разочарувачкиот настап на Светското првенство во Русија, Меси реши да паузира од пријателските натпревари кои треба да се одиграат следниот месец, а аргентинските медиуми сметаат дека настапот во поразот од Франција на СП беше последниот натпревар на Аргентинецот во националниот дрес.
Селекторот Лионел Скалони го потврди составот на Аргентина за пријателските натпревари против Гватемала и Колумбија, а во него не се најде името на Лионел Меси. Овој потег предизвика нови шпекулации за можната репрезентативна пензија на Лионел Меси, па Скалони реши отворено да проговори на темата.
„Разговарав со него (Меси) и по разговорот решивме дека тој нема да биде вклучен во составот на репрезентацијата за овие натпревари. Искрено, не зборувавме за тоа што ќе се случува во иднина. Сите знаеме што значи тој за репрезентацијата и ќе видиме што ќе се случува понатаму. Имавме конструктивен разговор и двајцата бевме јасни. Нема да биде повикан за овие натпревари, но ќе видиме што ќе се случи во иднина“, изјави Скалони.
Двата пријателски натпревари ќе бидат одиграни на територијата на САД а неколку од најпознатите играчи на Аргентина, како Анхел Ди Марија и Серхио Агуеро, нема да бидат дел од репрезентацијата поради одлука на селекторот. Скалони изјави дека Лионел Меси е единствениот кој отворено изразил желба да не биде дел од составот.
Меси се повлече од репрезентацијата во 2016 година, по поразот во финалето на Копа Америка, но подоцна истата година аргентинската ѕвезда реши да се врати во националниот дрес.