Пеп Гвардиола направи вистинска револуција во составот на Манчестер Сити и тоа на крајот му донесе најдобра сезона во историјата на Премиер лигата, бидејќи тимот од „Итихад“ стана првиот кој успеал да освои 100 бода во една натпреварувачка кампања во Англија.
Шпанскиот стручњак создаде феноменална хармонија во тимот и беше вистински лидер од клупата, а од тоа што може да се види по две одиграни кола во новата сезона, Манчестер Сити продолжува во ист ритам и не планира да застане со освојувањето титули.
Во последно време, доста актуелни станаа тимските говори кои ги имал Гвардиола во текот на историската сезона, а овој последниот експресно стана вирален на социјалните мрежи бидејќи Пеп зборува и за своето минато во Барса.
– Можете да си замислите мало момченце кое собира топки, собирач на топки во својата мала земја кој е член на Ла Масија со 13 години. Потоа тоа момче заигра за првиот тим, за клубот кој е во неговото срце, а после многу години играјќи во тимот, станува тренер. Стануваш тренер и после четири години го уништуваш фудбалот. Тоа сум јас, тоа сум јас. Имав привилегија да го доживеам тоа, го уништив фудбалот како што вие ја уништивте Премиер лигата, да вие ја уништивте Премиер лигата. Луѓето велат дека тоа е тимот на Пеп. Од лево на десно, од лево на десно, колку е добар Пеп. Не, не, не, секогаш го велам истото. Вие сте виновни за сето тоа што се случи. Фудбалот ви припаѓа вам, не мене, – им порачува Пеп на ѕвездите на Сити.