Дуковски: Чавков за 27 април треба да се награди, а не да се казни
Ниту Митко Чавков, ниту Богдан Илиевски не се виновни. Ниту едно дејствие немаат извршено, истакна Сашо Дуковски, адвокат на обвинетите Чавков и Илиевски за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
„Моите клиенти Чавков и Богдан Илиевски не сториле никакво кривично дело, тие се невини“.
Дуковски појасни дека Чавков како директор на Бирото за јавна бесбедност (БЈБ) координира, а не излегува на секој настан. Со денови наназад додека траеле протестите начекувал празни извештаи, неработење на службите, а особено на УБК.
„Чавков треба, да се награди, а не да се казнува“, смета неговиот бранител, и посочи дека дека сепак тој на крајот дал наредба и ја расчистил ситуацијата.
„Немало никакви известувања за насилства и Чавков како и секој човек си заминал дома. Не можел ниту тој, ниту засилување од полиција да се телепиртираат веднаш во Собранието“, вели Дуковски.
Дуковски реагираше дека обвинителството за овој настан веќе покренало обвинение, а судот донел пресуди, па сега е нејасно како можеле повторно да гонат други луѓе и тоа за многу потешко дело, односно тероризам.
-Имаме 4 кривични дела за овој настан и тоа учество во толпа што ќе изврши насилство, насилство, обид за убиство и сега за тероризам. Претходните три дела се бенигни, во споредба со последното дело, тероризам. Не може да се има различен третма. Инаку ќе се вратиме во камена доба во однос на правото, вели Дуковски.
Тој оцени и дека обвинението содржи голем број страници, но ништо не кажува.
-Нема докази за тоа што обвинетите се обвинети. За ова дело треба да има директна умисла. Обвинителот кокетира со законски поими и термини и се обидува со ставање на дејствија од членот 313 да го оправда со ништо неоправданиот обвинителен акт, истакна Дуковски.
Тој се повика и на Упатството, според кое наводно не се држел Чавков и не ангажирал полициски сили.
-Покрај Чавков тука се наведени уште двајца, министерот за внатрешни работи и началникот на специјалните полициски сили, па затоа е нејасно како Чавков е избран како најголемиот ѓавол, а другите двајца се ескупирани, вели Дуковски.
Тој додаде и дека Чавков делувал и дека е негова заслугата за безбедно евакуирање на луѓето кои биле во Собранието. Според адвокатот негова била и заслугата за формирање на оперативниот штаб.
-Овој “терорист” давaл предлог за формирање на оперативен штаб. Ќе докажеме колку наредби биле дадени за полициски сили и кој ги дал и кога насилството запрело. Овој човек треба да биде награден, не процесуиран, рече Дуковски.
Тој додаде и дека целиот настан бил завршен за 1 час и 20 минути.
– Што требало, да се телепотираат полицајци за да се заврши порано, или ќе имало 100 мртви ако полицијата употребила прекумерена сила, заклучи Дуковски.