Владата за кампања ќе потроши 400 илјади денари, Собранието 80 милиони
Средствата во износ од 80 милиони денари што Владата ги обезбеди за Собранието за кампања за референдумот се за пратениците и политичките субјекти кои се избрани на последните парламентарни избори, истакна денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Тој појасни дека Владата на вчерашната седница донела одлука со која го задолжила Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва, односно од ставката – функции на државата од буџетот на Министерството, кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања на Собранието како овластен предлагач на референдумот.
Овие средства, потенцираше Бошњаковски, се од ставка од тековниот Буџет и нема потреба за ребаланс на Буџетот. Кога ќе бидат префрлени парите на Собранието се уште нема информации. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие, како што кажа портпаролот на Владата, ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.
Исто така, на прес-конференцијата тој посочи дека овие средства ќе бидат наменети за медиумски закуп за сите медиуми кои поднеле медиумски ценовник до Државната изборна комисија. Бошњаковски притоа потенцираше дека Владата вчера ја поништила одлуката донесена на 83. седница со која ги задолжи министерствата и државните органи да предвидат средства за оваа намена. Потенцираше дека овие 80 милиони денари не се од министерствата и дека ниту едно министерство нема да даде пари за оваа намена, туку дека се работи за средства од Буџетот.
Бошњаковски кажа дека Владата ќе спроведе кампања за референдумот базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност и дека ќе ги повика граѓаните да излезат и да се изјаснат на референдумот за името на 30-ти септември. Објаснувајќи како ќе се одвива оваа кампања, портпаролот на Владата меѓу другото кажа и дека за комуникација преку социјалните медиуми, односно „Фејсбук“, Инстаграм и Твитер, Фликр и Јутуб Владата ќе одвои средства во висина од 400 илјади денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата, додека останатите активности ќе се реализираат во рамки на редовните владини активности. Меѓу другите предвидени се и теренски посети, неформални средби со граѓаните, состаноци, гостувања и учества на јавни настапи. Кампањата според Бошњаковски се очекува да се интензивира во следните две недели.
На новинарско прашање дали можеби Владата влегува во навивачка кампања за референдумот, Бошњаковски одговори дека тие ја спроведуваат својата Програма која ги опфаќа стратешките цели на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и тоа ќе биде суштината на оваа владина кампања.
– Да, ќе ги повикаме граѓаните да гласаат на референдумот, рече Бошњаковски, потенцирајќи дека влезот во ЕУ и НАТО се стратешки цели на сите досегашни влади и политички гарнитури во земјата во изминатите 27 години.
Во однос на ставовите на Венецијанската комисија за референдумско претставување, портпаролот на Владата рече дека ги зеле во предвид сите препораки на Комисијата, но дека тие сепак треба да се прочитаат поубаво бидејќи голем дел од нив се однесуваат на известувањето на јавните сервиси.