Во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Титаник 2“. По продолжението, на судењето се врати адвокатот на обвинетиот Сашо Срцев, Димитар Дангов.
Судијата, Огнен Ставрев, го казни адвокатот според член 361 од Законот за кривична постапка. Износот на казната не го соопшти, но износот според Законот е од 200 до 1 200 евра. На ова, адвокатот има право на жалба до кривичниот совет на судот.
Во предметот „Титаник 2“ на СЈО за изборни нерегуларности обвинети се ексдиректорот на УКБ, Сашо Мијалков, Мендух Тачи од ДПА, потоа Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски, поранешни членови на Државната изборна комисија. Мијалков е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а другите за злоупотреба на службената положба и овластување.
За овој случај снимките од прислушуваните разговори можат да се користат како докази во судската постапка. Дел од овие снимки беа објавени и од нив може да се слушне раговор меѓу Мијалков и Тачи како договараат како да гласа членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, за некои приговори за локалните избори во 2013 година.