Сугарески во посета на општина Бутел,изградбата на инфраструктурната мрежа во Визбегово
До почетокот на ноември се очекува да почнат активностите околу изградбата на инфраструктурната мрежа во индустриската зона Визбегово.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска беше во работна посета на општина Бутел, изјави дека до средината на септември јавното претпријатие „Водовод“ треба да го изготви проектот по што Министерството за транспорт и врски ќе го распише тендерот.
– Изградбата на инфраструктурата во зоната Визбегово е предизборно ветување на Владата и ние тоа ќе го исполниме. Во Буџетот на Република Македонија се определени 20 милиони денари што се наменети за започнување на инфраструктурата во делот на водовод и канализација, рече Сугарески.
Проектот ќе чини од седум до девет милиони евра со цел во наредниот период комплетно да бидат завршени инфраструктурните работи во индустриската зона Визбегово.
Покрај активностите во индустриската зона Визбегово, градоначалникот Велимир Смилевски најави дека во следниот период Бутел ќе биде општина каде ќе се одвиваат низа градежни активности. Според него, еден од најголемите проблеми со кои се соочува општината е немањето атмосферска канализација.
– Нашата општина има проблеми со канализацијата и водоводот и се надевам дека со помошта што ќе ни ја даде Владата во наредниот период ќе ги реализираме сите ветени проекти, изјави Смилевски по средбата со министерот Сугарески.