Кое беше постојаното барање на скопската страна, поважно и од името? Македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ние го дадовме тоа и го дадовме без во суштина да добиеме нешто за возврат и ова е длабоко загрижувачко, бидејќи се поврзува со скопскиот идредентизам, вели претседателот на Нова демократија Киријакос Мицотакис изјави за грчка телевизија а овој став го поткрепува со, како што вели, „одново објавениот“ доверлив документ од Викиликс.
– Сакам да ги прашам нашите сограѓани, не само во Македонија, како се чувствуваат кога ги слушаат господинот Заев и господинот Димитров да велат „Јас сум Македонец и говорам македонски јазик“ и никој да не одговара. Ние, нема да го ратификуваме договорот ниту сега, ниту во следниот парламент, доколку не се ратификува во сегашниот парламент, вели лидерот на Нова демократија.
Мицотакис објаснува дека ратификацијата на договорот во грчкиот парламент ќе ги намали можностите за правење на какви било промени од нивна страна.
– Ќе ги искористиме сите карти што ни се на располагање за да ги смениме аспектите на договорот што се проблематични. Ова значи дека ако договорот се ратификува тогаш просторот за маневри е ограничен. Подготвен сум да им објаснам на граѓаните: Ако договорот од било која причина не се ратификува, тогаш не постои договор. Работите се многу едноставни, вели Мицотакис.
Во однос на европската и евро-атлантската интеграција на Макеоднија, лидерот на грчката опозициска партија вели дека „проблемот со НАТО е тоа што веќе е означен почетокот на процесот“, а оние кои се должни да одговорат „се оние кои го донесоа договорот“ и индиректно упатува критики до Панос Каменос.
– Ние направивме се што беше во наши раце. Доставивме предлог за гласање недоверба и секако трагична е хипокризијата на владиниот партнер, кој од една страна вели дека нема да гласа и ќе ја бутне владата, а од друга страна седи удобно во фотелјата и едноставно добива време со добра надеж дека договорот на крај нема да помине на референдумот во Скопје, коментира лидерот на Нова демократија во интервјуто во централното издание на вестите на грчка телевизија.