СЈО го извести судот дека барањето за изземање на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева не е дозволено, по што продолжи јавната седница во второстепениот суд.
Судијката-известител Тања Милева, рече дека за овој предмет на СЈО познат под кодното име „Тенк“, биле поднесени вкупно 6 жалби, од кои 4 на адвокатите на Груевски, една лично од него, и уште една од Ѓоко Поповски.
Во жалбените наоди на адвокатите е наведено дека судот направил серија суштествени повреди на Законот за кривична постапка, и дека погрешно ја утврдил фактичката состојба.
Во жалбата пишува дека судот против-законски ги одбил барањата на адвокатите за изземање на судиите и поротниците и дека СЈО пред судот не ја докажало надлежноста. Освен тоа, наведено е дека дел од доказите биле доставени во копија, а Груевски и неговите адвокати воопшто не ги добил бомбите како докази. Записниците од седниците за судењата не кореспондирале со видео-записите од судскиот процес. Обвинетиот се жали за вештачењата на СЈО, кои, како што пишува во жалбата, вештачеле со истечени лиценци. Адвокатите се жалат дека не бил доставен записник за примопредвање на бомбите.
Во жалбата се додава дека во февруари годинава настапила апсолутна застареност на кривичното дело, поради телефонскиот разговор кој Груевски го направил на 26 февруари 2012 година. Во образложението на жалбите е наведено дека пресудата е нејасна и противречна.
Ова се дел од причините, поради кои Груевски бара да биде укината првостепената пресуда и судот да донесе ослободителна пресуда.