Полицијата откри нива со марихуана во радовишкото село Смиланци. Во врска со случајот поднесена е пријава против лицата К.М (53) и Н.Т (45), двајцата од Радовиш, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Надоворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш, постапувајки по добиени оперативни сознанија, во местото викано Телешорски извори, атар на село Смиланци, откри насад од околу 58 стебла од растението канабис сатива. Растенијата биле засадени на парцела сопственост на покојно лице од село Подареш, на површина од околу 50 метри квадратни, а стеблата биле во фаза на формирање на вршунки, во добра вегетативна кондиција, на висина од 120 до 300 сантиметри“, соопшти МВР.
Првопријавениот на 2 септември бил затекнат внатре во насадот како врши берба на стеблата и ги става во вреќа. Пронајдените 58 стебла биле откорнати и дадени на вештачење.