Во кривичниот суд во Скопје, продолжува судењето за 33 обвинети во предметот за крвавиот четврток за теорористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Предметот е во фаза на доказна постапка, а на денешното рочиште кое ќе почне во 12 часот, како предлози на Обвинителството за организиран криминал и корупција, треба да сведочат пратеникот Мухамед Зекири и градоначалникот и тогашен пратеник Петре Шилегов.
За утре судијката Добрила Кацарска ги покани да сведочат премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи и тогашен пратеник, Оливер Спасовски, како и Никола Тодоров и Весел Мемеди. На рочиштата за 13 и 19 септември се поканети пратеници како сведоци.
Меѓу обвинетите за крвавиот четврток се поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, пратениците Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, како и организаторите на протестите Борис Дамовски, Владо Јовановски, Игор Дурловски. Тие се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Судијката Добрила Кацарска закажа над 50 рочишта за овој предмет.