Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, кој е во посета на земјава, и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, одржаа заедничка прес-конференција.
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, во врска со тактизирањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која сè уште се нема изјаснето во врска со референдумот, рече дека партијата треба да има европска перспектива и да го поддржи решението за спорот со името.
„Австрија е најважниот инвеститор во Македонија. Ние немаме само тесна економска соработка, туку и силно пријателство и заедничка историја. Го делиме мислењето дека сите држави од Западниот Балкан имаат свое место во Европката Унија. Унијата ќе биде комплетна кога ќе биде интегриран Западниот Балкан. Решението на спорот со името е голема шанса за Македонија, но и за комплетниот регион. Најпрво сакам да го поздравам тоа што е постигнат компромис на ова поле и би сакал граѓаните да ги поканам да учествуваат на овој референдум и да се изјаснат ‘за’ решавање на спорот со името. Тоа е избор за секој поединец и не е мое да донесам одлука за некој друг, но како пријател на Македонија мислам дека е добро ако има голема излезност и позитивен резултат“, рече австрискиот канцелар, Курц.
Премиерот Зоран Заев пред обраќањето на Курц рече дека Австрија ги препознала реформите во Македонија и се заблагодари на канцеларот за поддршката што ја дава за интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО.
Заев: Посетата на Курц пред референдумот е порака дека Македонија се врати на вистинскиот пат
Посетата на австрискиот канцелар, Себастијан Курц, значи дека Македонија се вратила на европскиот пат, порача премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција. Заев го повтори ставот дека е убеден дека референдумот во Македонија ќе биде успешен.
„Вашата посета е силен поттик за нас во пресрет на референдумот кога граѓаните ќе ја изберат иднината. Ќе го дадат за својот глас за Договорот со Грција со кој ни се гарантира местото во ЕУ и НАТО. Вашата посета значи дека Македонија се врати на европскиот пат. Презедовме лидерство, покажавме храброст. Остваривме напредок во реформите, а тоа е препознаено. Пристигна датумот за преговори со ЕУ и поканатa во НАТО. Австрија ја вбројуваме во најзначајните економски партнери и еден од најголемите инвеститори во нашата земјта“, рече Заев и лично му се заблагодари на канцеларот Курц за австриската поддршка.