Масимилијано Алегри призна дека Кристијано Роналдо бил прилично лут што не ја доби наградата од УЕФА за најдобар фудбалер за изминатата натпреварувачка сезона, а иако се доби општ впечаток дека Португалецот со непојавувањето на гала вечерта покажа непочитување кон својот поранешен соиграч Лука Модриќ, сега Хрватот се обиде да ја долови целата вистина за овој случај.
Лука даде џентлменска изјава за отсуството на Роналдо непосредно по завршувањето на церемонијата во Монако, а сега со најновото обраќање кое го имаше по крајот на мечот меѓу Хрватска и Португалија откри дека всушност добил приватна порака од Кристијано која била навистина срдечна.
– Имам навистина добар однос со Кристијано. Тој ми испрати порака со која ми честиташе за освоената награда и ми порача дека очекува набрзо да се видиме очи в очи. Отсекогаш сум имал добар однос со него и така ќе остане. Индивидуалните награди се важни, но сепак најважни се наградите кои се добиваат за колективната игра, – порача Модриќ.