Пронајден солзавец во судницата каде сведочи министерот Спасовски
Кај роднина на еден од 33-цата обвинети за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, присутна на денешното судење во Основниот суд Скопје 1, пред малку судската полиција најде солзавец.
„Кај лицето Моника Спасовска, роднина на еден обвинет најден е солзавец. Судската полиција ја отстрани. Судската полиција не смее повеќе да го пушти ова лице во Основниот суд Скопје 1“, нареди судијката Добрила Кацарска непосредно пред сведочењето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Пред него сведочеше два часа премиерот Зоран Заев. Солзавецот не беше употребен, а Кацарска не го откри името на обвинетиот кај чија роднина бил најден солзавецот.
Во судот има многу полиција. Претходно, обвинетиот Игор Југ му се закани пред судот на сведокот Заев, кој му рече дека носел пиштол, ама немал храброст на 27 април да пука. Југ, за кого во обвинението се вели дека имал задача да го убие, е еден од еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Спасовски е последниот сведок денеска, пред него сведочеа Никола Тодоров, Весел Мемеди и Зоран Заев.