Инциденти на протестите во Грција, ескалираа во големи судири за Преспанскиот договор
Шок бомби, солзавец, молотови коктели, повредени демонстранти и полиција. Најавените мирни протести во Солун ескалираа во големи судири, а немирите започнаа откако неколку стотици луѓе ја нападнаа општината извикувајќи слогани против градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис и премиерот Алексис Ципрас. Фрлаа камења, ги урнисаа оградите поставени од полицијата и се обидоа преку грчката полиција да стигнат до Меѓународниот Саем и Ципрас. Ситуацијата дополнително се влоши, демонстрантите фрлаа молотови коктели, палеа корпи и предмети, вееја грчки знамиња извикувајки Македонија е грчка.
Изминатите денови организаторите преку соопштенија и видео спотови повикуваа – Сите со грчки знамиња во рака, дојдете да го преплавиме Солун по повод присуството на премиерот Ципрас, не треба да се дозволи словенизација на македонскиот хеленизам затоа што води кон отстапување на грчки територии.
Покрај протестите за името, уште 3 различни протести го тресат Солун. Се протестира поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.
Сепак тоа не го обесхрабри Алексис Ципрас, на денешното обраќање на 83 от Меѓународен Саем, ја најави, како што кажа тој – Визијата за повторното раѓање на земјата и Грција во новата ера. Ја поздрави делегацијата на САД и ја објави програмата со која што Грција треба да излезе од кризата.
Ципрас вечерва зборуваше и за Преспанскиот договор. Со отворен хоризонт, со доверба и разбирање, со подготвеност да соработуваме и да комуницираме, им пристапуваме на нашите соседи, кажа грчкиот премиер