Претседателот на Владата, Зоран Заев, оствари средба со Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум во земјава.
На средбата, информираат од Владата, разговарано било за важноста за демократско спроведување на процесот и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура изјаснувањето на граѓаните.
„Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив процес“, изјави Заев.
Претседателот на Владата, посочи дека во таа насока, кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евро-атлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум, додаваат од Влада.
На средбата е изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рече премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности.