Цаноски: Груевски не нареди само уште ликвидација на мојата фамилија
На денешното рочиште за случајот „Т.Н.Т.“ поврзан со рушењето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фиат Цаноски се гледаше снимка од надзорната собраниска комисија при Комисијата за транспорт, врски и екологија од седница одржана во 2011 година.
– Таа снимка, тогашните прашања на таа расправа докажуваат дека со новите снимки што излегоа т.н. „бомби“ точно се ускладени и покажува дека рушењето на „Космос“ го вршел Никола Груевски заедно со Миле Јанакиески за политичка одмазда. Со експертите кои и тогаш беа повикани и кои направија мислења, и сегашните мислења што ги имаме се исти и се докажува дека „Космос“ е граден законски – изјави Цаноски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се чувствува предаден од сега обвинетите, бизнисменот одговори ека тие сакале да го уништат целосно што се слушна и во „бомбите“.
– Тие сакале да ме уништат комплет. Во разговорите, ако ги слушавте „бомбите“ пред две судeња, наредбите кои ги давал Груевски, уште само што не даде ликвидација да се изврши врз целата моја фамилија. Сигурно дека тој човек е ненормален, се гледа дека има психички проблеми и навистина е жалосно што таков човек ја водел државата – одговори Цаноски.
Извор: Плусинфо