Желба, надеж и поддршка за Зоран Заев да го добие референдумот, уште еднаш изрази грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Алексис Ципрас вели дека решението меѓу двете земји ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент и објаснува дека Договорот од Преспа, ќе дојде во парламентот, онака како што е одредено во самиот договор „кога другата страна ќе го финализира процесот на уставна ревизија и секако кога ќе се состави протоколот за интеграција во НАТО“, за Грција да може да го ратификува и протоколот за членство на Македонија во Северно -атлантскиот сојуз.
– Овој договор ќе добие апсолутно мнозинство во грчкиот парламент. Ја почитувам и не се согласувам со позицијата на мојот коалиционен партнер, со кој имам чесна и искрена соработка и сум сигурен дека ќе ги задржи неговите принципи, така како што самиот верува, но нема да го наруши непречениот тек на земјата кон економско закрепнување и политичка стабилност, објаснува Ципрас во однос на позицијата на Независни Грци и Панос Каменос.
Во однос на можноста за предвремени парламентарни избори заедно со локалните и евроизборите во мај следната година, грчкиот премиер уште еднаш го повтори ставот дека „целта и стратегијата на владата е да го заврши четиригодишниот мандат“, а изборите да се одржат во октомври 2019.