СЈО открива детали од необјавени „бомби“ за дел од судиите
Специјалното јавно обвинителство стави на тапет четворица високорангирани судии – Александра Зафировска, Јово Вангеловски, Софија Лаличиќ и Светлана Костова.
Специјалното јавно обвинителство со име и презиме ги посочи судиите кои според нив минатиот период биле под политичко влијание. Во првиот посебен извештај што СЈО го поднесе до Собранието наведуваат дека од аудиоматеријалите очигледно е дека имало нелегитимно договарање при изборот на судиите, директно мешање во вршењето на судиската финкција и поткопување на темелните вредности на Уставниот поредок.
Прва на списокот е наведена експретседателката, а сега член на Судскиот Совет Александра Зафировска . Според СЈО во разговорите од 2011 до 2013 година, произлегува дека Зафировска како претседател на Советот била во постојана координација со извршната власт, а тогашниот премиер Груевски бил известуван и консултиран при носењето на значајни одлуки на Советот и при изборот на судиите.
Втор на списокот е претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски. Според СЈО Вангеловски во 2011 и 2012 година во повеќе наврати на своите соговорници им изнсувал информации од судските постапки , интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето.
Трета е судијката Софија Лаличиќ, за која се наведува дека од разговорите произлегува дека повеќе од една година пред да биде избрана за судија и била ветена судиската функција.
Последна во извештајот е судијката Светлана Костова за која се наведува дека таа паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање, со што според СЈО се доведува во прашање нејзиниот личен интегритет, но и институционалната независност на судиската функција.
Имајќи предвид дека судиската функција пред сѐ подразбира голема моќ чија што употреба повлекува длабоки и далекусежни последици во животот на граѓаните, потребен е висок степен на општествена свесност дека таквата моќ не треба да биде дадена на индивидуи чија чесност, професионални и лични стандарди се дискутабилни. – оценува СЈО.
Од СЈО велат дека целта на поднесувањето на овој пособен извештај не е да се документира минатото, туку се поднесува за како што велат ваквото несоодветно постапување да не продолжи да го поткопува владеењето на правото и да ја попречува Евроатлантската интеграција на Македонија.