Владата денеска го собра бизнис секторот на информативна бизнис средба
Владата на Република Македонија, со поддршка на УНДП, денеска го собра бизнис секторот на информативна бизнис средба, за да ги слушне нивните потреби за креирање на нови мерки за намалување на невработеноста и зголемување на развојот на бизнисот.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска која што ја отвори дебатата истакна дека идејата на настанот е преку дијалог со бизнис заедницата да се креираат соодветни мерки со кои ќе се избалансира понудата и побарувачката на пазарот на трудот.
„Во 2019 година да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Дебатата е што понатаму, а за тоа можете да ни кажете најдобро вие. Оперативниот план за вработување даде одлични резултатит. Десетина мерки и програми досега се 100 процентно реализирани. Постојано се зголемуваат и парите наменети за оперативниот план. Годинава буџетот за вработување е речиси двојно поголем од 2016 година“, истакна Царовска.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека само мерки кои не се креирани во кабинети туку директно со бизнисите, може да дадат резултати и да се помогне на сите. Со тоа ќе се надминат два проблеми: ќе се намали невработеноста и ќе се развие стопанството, дополни Анѓушев.
„Да ги детектираме сите невработени лица, прецизно по општини, а од друга страна да се забележат потребите на стопанството, на самите компании, во истите места. Шанса за сите, мерката која сега ја дискутираме како идеја би сакале да ја моделираме на тој начин да обезбедиме ссодветна преквалификација на кадри во одредени општини, кои реално, со оглед на образованието, во догледно време, не би можеле да најдат соодветно вработување. Во некои општини, има по едно училиште, каде реално се потребни по еден до два наставника за одреден предмет, а има десетици други со исто образование, кои чекаат вработување и има компании кои имаат потреба од обучени вработени. Владата би ја поддржала преквалификацијата на овие лица, треба да бидеме оперативни и брзо да делуваме“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
Луиза Винтон, постојана преставничка на Програмата за развој на Обединетоте нации (УНДП), потенцираше дека УНДП, преку своите проекти со националните партнери, се фокусира како најбрзо и најефикасно да се пополни недостатокот од квалификувана работна сила.
„Заедно со другите меѓународни партнери активни на ова поле, пред се Швајцарската агенција за развој и соработка, УСАИД и амбасадата на Обединетото Кралство, работиме во неколку сегменти, во правец на реформирање на стручното образование и директно инволвирање на приватниот сектор во креирање на најадекватни тренинг програми“, истакна во своето обраќање Винтон.
Билјана Јовановска, директорка на Агенцијата за вработување рече дека АВРМ и понатау ќе ја продолжи активната комуникација со бизнис секторот и ќе се залага за постојано унапредување на соработката.
„Досегашното искуство ни говори дека најефикасните мерки за бизнис секторот се креираат преку проактивни информативни средби, директна комуникација и дефинирање на клучните приоритети на долг, на краток и на среден рок. Таа пракса ќе ја следиме и понатаму“, рече Јовановска.
На денешниот настан активно се вклучија и преставници на бизнис секторот. Претседателите на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија, Бранко Азески и Неби Хоџа, дадоа поддршка за идејата за воведување на оваа нова мерка, при што ги афирмираа ставовите дека паралелно со процесот на реформи во образованието треба итно да се интервенира во процесот на неформално образование, односно во преобуки и преквалификации на невработените лица.