Камчев: Лично сум ЗА договорот со Грција и не сме имале похрабар лидер од премиерот Заев
Ви пренесуваме дел од интервјуто на бизнисменот Орце Камчев за Фактор:
Р.Ф. – Дали договорот со Грција, референдумот и промената на уставното име се важни за бизнисот и за општественото живеење? Дали тоа ќе ги промени условите за живот во Македонија и како ќе влијае?
КАМЧЕВ: Изгубивме премногу време последниве 27 години со историски глупости, со митови и легенди кои ни создадоа проблеми не само со сите наши комшии но и со самите нас, во нашата држава. Неможноста да се реши спорот со Грција не извади од шансата да бидеме веќе одамна и во Нато и во ЕУ и поверувјте ми Македонија немаше да биде во таа ситуација во која сме денеска ни економски ни политички. Затоа, Јасно и гласно ќе го кажам мојот став , мислам дека ниту ќе имаме подобра шанса, ниту дека сме имале похрабар лидер од премиерот Заев. Јас лично сум ЗА договорот со Грција, како и бев ЗА Договорот со Бугарија.Јас сум европски и светски човек и сакам Македонија да биде дел од таа структура. Сакам да живеам во Република Македонија различна од таа што е денеска, сакам да бидеме членка на НАТО и ќе направам се што е во моја можност…
… Тоа се вредности во кои сите ние ќе добиеме десет пати повеќе придобивки од она што го имаме денеска. Се тоа не го кажувам само јас, ниту само Заев, тоа ни го кажа целиот свет! Светски лидери како Меркел, Курц и Могерини кои дури дојдоа на крај кај нас, Државниот департамент, дури и Русија го поздрави договорот иако на некои им се сака да е е така.
Со влезот во новото друштво ќе бидеме приморани да почнеме да размислуваме и функционираме европски. Правилата на игра ќе бидат јасно дефинирани, нема злоупотреба на работници, се знае кога е годишен одмор, се знае кога е време за
јадење, што е превоз, како и кога се користи заштитна униформа. Се знаат стандарди по кои мора да фунцкионираат сите компании, а не како досега. Тоа ќе не научат и сум сигурен во тоа. Тоа е мојот став, не дека нема друга опција, туку таа е единствената опција во која јас верувам. Јас лично ќе се залагам да пројде тој референдум. Тоа се вредности во кои јас верувам и преку кои и државата и сите ние ќе добиеме десеткратно повеќе придобивки од она што го имаме денеска.
Р.Ф. – Имате бизниси, меѓу другото и во Бугарија – членка на Европската Унија. Зошто одлучивте да инвестирате таму и како се води бизнис со таа земја членка на Унијата? Од бизнис аспект одат ли таму работите на подобро по нивниот прием во ЕУ?
КАМЧЕВ: За мене Бугарија е најубавата и најблиска земја и народ од сите овие локални наши земји. Видете сега се што има Бугарија која што е членка на Европска унија. Незнам колку нови тунели, железници , инфраструктура, патиштата се прават … а ние денеска сме последна земја од Европската унија. Бојко Борисов и Зоран Заев имаа храброста да го решат брзо вештачкото неразбирање што го имавме од повеќе од деценија и го потпишаа минатата година договорот за Пријателство. Тоа беше клучно и ни даде шанса да направиме компромис и со Грција. Затоа мора да имаме успешен референдум , ако не се решиме денеска, утре нема да не биде, и тоа треба да им стане јасно на сите.
Р.Ф. – Како се води бизнис во Бугарија како земја членка на Унијата? Од бизнис аспект одат ли таму работите на подобро по нивниот прием во ЕУ?
КАМЧЕВ: Само споредете го нашето здравство со здравството во Бугарија. Тие се 30 години пред нас. Ние сеуште немаме никаква стратегија. 28 години откако сме независни во континуитет тој сегмент пропаѓа. Ние денеска сме во ситуација каде што ни умираат деца од две години од сепса. Да не зборувам за милион гафови што се случија од пред пет шест години до денес во однос на смртноста . Ако влезете во македонските државни болници како да сте влегле во Индија . Ние збориме и се фалиме дека сме исчистиле ѓубре , наместо да зборуваме за опрерациони сали.
Во Бугарија веќе нема приватни и државни болници . Болниците се јавни , капиталот е приватен или државен , сосема различно. Не може кој каде му текне да отвори болница. Здравствениот фонд по истите цени ги покрива услугите и во јавното и во приватното здравство. Генерално се стандардизирани работите, а кој сака да се оперира кај одреден професор, во сабота или недела, самиот си доплаќа. Поставени се правилата на игра .
Исто важи и за земјоделските европски субвенции , ние денес мака мачиме со окрупнување , приватизација или со финансирање на земјоделието . Бугарија и во овој сегмент е многу понапред од нас.
Целото интервју на Фактор на следниот линк.