Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со комесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Јоханес Хан, и претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, со свои воведни обраќања денеска ја отворија конференцијата за земјите од Западен Балкан „Денови на медиумите“, којашто се одржува во Скопје, а е во организација на Европската комисија.
Заев во своето воведно обраќање истакна дека земјите од Западен Балкан имаат одговорност да ја гарантираат слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.
„Слободата на медиумите е недозволиво да остане само декларација запишана во законите и резолуциите. За да биде жива, автентична и секојдневна пракса, таа мора да произлегува и да биде дел од еден економски одржлив, независен и плуралистички медиумски сектор, кој опстојува во функционални држава во која владее правото како гаранција за автентична медиумска слобода“, рече Заев.
Првиот човек на Владата се осврна и на борбата против лажните вести, истакнувајќи дека трендот на ширење дезинформации е најголем поткопувач на демократските и реформските процеси, како и на европеизацијата на регионот.
„Таквите пара-информации учествуваат во поткопувањето на владеењето на правото и на политичката стабилност, која, меѓу другото, не помалку влијае и на работата на новинарите.
Лажните вести најчесто се наменети за да дискредитираат личности, да шират дезинформации, да предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпливост, се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација“, рече Заев.
Тој додаде дека објективното и слободно известување е од клучно значење во градењето на демократијата, за воспоставување на добро владеење и за соодветна комуникација за реформите што се преземаат.
Комесарот Хан и претставникот на ОБСЕ Дезир во своите обраќања ги поздравија напорите на Владата за спроведување на медиумските реформи и посочија на важноста од заедничко дејствување против лажните вести и зборуваа за состојбите и можностите на унапредување на слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан.