Гал Гадот сподели некои детали за својата главна улога во претстојниот филм за Клеопатра, навестувајќи дека нејзината филмска верзија на египетската кралица ќе биде поинаква од претходните.
Во сторијата за насловната страница на магазинот „Ин-стајл“, ѕвездата на блокбастерот за бестрашната жена воин Wonder Woman, говори за тоа како ќе влезе во кралски чевли за да ја портретира историската кралица на Египет.
„Не можам да откријам многу“, призна 36-годишната Гадот за публикацијата, „но можам да ви кажам дека ќе ја прославиме приказната за Клеопатра“.
Израелската актерка нагласи дека една од целите на филмот е да покаже дека „Клеопатра не е само сексапилна и привлечна, туку стратешка и паметна“. Филмот, исто така, ќе покаже „колку влијание имала и сè уште има во светот во кој живееме денес“.
„Ги гледав сите филмови за Клеопатра низ историјата, но се чувствувам како да ја раскажуваме приказната што светот сега треба да ја слушне,“ додаде таа.
Во текот на децениите, на списокот ѕвезди кои ја толкуваа култната улога се Елизабет Тејлор, Вивијан Ли, Моника Белучи, Софија Лорен, како и ѕвездата на немиот филм Теда Бара.
По објавата дека прекрасната Гадот ја добила улогата, избувнаа реакции од критичарите кои тврдеа дека арапска или африканска актерка треба да ја игра Клеопатра.