Дудуш: Не верував дека од Собранието ќе излеземе живи, ги посочуваа луѓето каде да одат
Градоначалникот на Шуто Оризари, а поранешен пратеник, Курто Дудуш утрово сведочеше за случувањата во Собранието на 27 април лани. Тој кажа дека за време на прес-конференцијата на Зоран Заев бил во галеријата од прес центарот. Кога толпата влегла, а потоа се качиле и на галеријата по него никој не го нападнал, но биле нападнати пратениците Павле Богоевски и Енес Ибрахим.
„Јас бев во галеријата. Кога толпата насилно влезе долу во прес-центарот и горе кај нас, јас успеав да излезам од таму. Симнувајќи се по скалите во ходникот пред прес-центарот го видов лицето Игор Дурловски, не сум сигурен, но мислам дека додека стоеше ги насочуваше луѓето кај да одат. Не сум сигурен, но мислам дека и кон мене испрати луѓе велејќи им ’и овој е еден од нив‘. Јас бев на скалите успеав, да ги оттурнам кога пробаа да ме нападнат. Потоа обезбедувањето на Собранието ме однесе во една канцеларија“, сведочеше Дудуш на денешното рочиште на судењето, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието.
Во сведочењето тој рече оти мислел дека никој нема жив да излезе од Собранието.
Денеска ќе сведочат и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, кој за време на нападот на Собранието на 27 април беше обезбедување на Оливер Спасовски.