РК Бутел со голема победа над фаворизираниот тим на Пелистер
Ракометарите на Бутел Скопје прославија голема победа над фаворизираниот тим на Пелистер со 29-26 во дуел од второто коло на Суперлигата. Домашните водеа во поголемиот дел од натпреварот и заслужено се радуваат на триумфот, додека битолчани сè уште ја бараат својата игра и за жал мораа да го положат „оружјето“ во Радишани.
Кобетиќ отвори со погодок, но домашните возвратија со серија од три голови преку искусните Мојсоски и Мајиќ за 3-1. Пелистер стигна до 5-5, потоа се играше гол за гол, но битолчани повторно промашија од чисти ситуации, правеа недозволени технички грешки и казната стигна. Бутел поведе со 10-7 и до крајот на полувремето не ја испушти таа разлика. Домашните имаа шанса и за +4, но не погодија, па битолчани казнија преку десниот бек Перовиќ и на пауза се замина со 15-13.
Во вториот дел набрзина гостите израмнија на 15-15, а по подолго време и поведоа откако ја стегнаа одбраната со 17-18. Избраниците на Томе Петрески имаа и предност од 19-21, но упорните момците на Игор Котевски израмнија на 21-21. Двете екипи добија шанси да погодат, но или правеа грешки, или голманите бранеа, па немаше погодок пет минути. Серијата на домашните продолжи, стрелаа Димовски и Василевски за 23-21. Маџовски ги извлече од летаргијата соиграчите и намали на 23-22 на седум минути до крај.
Печенковски беше прецизен за 24-22, па домашните имаа и шанса за +3, но загубија топка, па Маџовски погоди за 24-23. При 25-24, следеа грешки на гостите, па Младеновски даде гол за 27-24 на две и пол минути до крајот. Петрески повика тајм-аут, битолчани намалија на 27-26 и во последната минута се влезе со тој резултат. Средниот бек Печенковски го даде победничкиот гол на триесетина секунди до крајот за 28-26. Битолчани промашија во следниот напад, па Спасовски стави точка на натпреварот со голот за 29-26.
Најдобар стрелец во домашниот тим беа Мојсоски со девет голови, а Печенковски, Андовски и Мајиќ запишаа по четири. Кај Пелистер се истакнаа Маџовски со седум гола и Перовиќ и Поповиќ со по шест.