ВМРО-ДПМНЕ ќе побара оставка од Заев и формирање експертска влада за една година
„Влегуваме во сериозна политичка криза, сценаријата за развојот на настаните во наредната година се апокалиптични. Заев мора да поднесе оставка и да се избере експертска влада што ќе ја води земјава во нареднава година”, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ за нивниот став во однос на можните предвремени парламентарни избори или уставни измени, пренесува МКД.мк.
По вчерашната најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да преговара со власта околу обезбедување дво-третинско мнозинство во Собранието за уставните измени, за денеска во партијата се најавени консултации со партиските органи и пратеничката група.
За вечерва е најавена седница на Извршниот комитет, а за утре на централниот.
„Во 2019 година нѐ очекува уште поголема криза, Македонија веќе не создава вредност што ќе може да ги покрие основните трошоци на државата“, сметаат во партијата.
„Евентуалните вонредни парламентарни избори нема да решат ништо. Никој нема да добие двотретинско мнозинство во Собранието. Сите испитувања на јавното мислење покажуваат дека резултатот ќе биде изедначен – на едната страна СДСМ со коалициските партнери и ВМРО-ДПМНЕ на другата страна. Сето ова значи влегување во длабока политичка и економска криза“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе бараат оставка на премиерот Зоран Заев, формирање експертска влада, спроведување на неопходните реформи и по една година избори. Во меѓувреме треба да почнат нови преговори со Грција за нов договор, нашиот јужен сосед да се откаже од барањето за уставни измени, а за спроведување на обврските на Македонија од членот 8 од договорот да се бара меѓународната заедница да биде гарант дека ако тие не се исполнат, а другите услови се исполнат, тоа да не значи целосно поништување на договореното. Да се отвори и прашањето за промена на името за целосна употреба, ерга омнес, ќе бара опозицијата.
Изборите не се решение, туку продлабочување на кризата, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека во една ваква ситуација нема никакви шанси за постигнување двотретинско собраниско мнозинство за промена на Уставот. Тие се сигурни во својата пратеничка група, но додаваат дека и 3-4 пратеници на СДСМ веќе најавиле непослушност во однос на партиската определба за поддршка на уставните измени.
Сето ова утре и задутре ќе биде на дневен ред на телата на ВМРО-ДПМНЕ, по што партијата ќе излезе со јасен став за актуелната ситуација.