Вардар гази се пред себе во Лигата на шампионите
Ракометарите на Вардар го продолжија стартот од соништата на оваа сезона во Лигата на шампионите, откако по Монпелје, Кристијанштад и Веспрем, денеска го совладаа и тимот на Рајн-Некар Левен (29-27). Фантастичното второ полувреме беше пресудно, во него „црвено-црните“ заиграа во својот препознатлив стил во нападот, во одбраната во клучните моменти се разбрани Милосављев, па „лавовите“ од Манхајм ги снајде судбината што минатиот викенд му се случи на Веспрем, а нешто претходно и на европскиот првак Монпелје.
Цврстата одбрана на „лавовите“ на чело со голманот Апелгрен им создаваше проблеми на „вардарци“, па по десет минути игра резултатот гласеше 3-5 за актуелниот првак на Германија. Вардар за само една минута израмни на 5-5, но гоститите повторно ја презедоа контролата и поведоа со 7-10. Парондо беше принуден да побара тајмаут, а потоа Дибиров со два гола ја врати самодовербата во нападот кај „вардарци“. Македонскиот клуб стигна до 11-12, но потоа Филип Талески погоди во својот прв обид го совлада Милосављев. Во следниот напад Чупиќ не реализираше пенал за Вардар, Рајн-Некар левен се одлепи и на 11-15 пред Мораеш да ја прекине серијата на Германците. Во 30. Минута при еден дуел со Гвардиола настрада Скубе, кој со помош на соиграчите мораше да го напушти теренот, пред Дибиров од пенал да ги постави конечните 13-15 на крајот од полувремето.
Вториот дел почна токму онака како што посакуваа „црвено-црните“, кои за неполни три минути направија серија од 3-0 и го свртеа резултатот во своја полза. Нападот на „вардарци“ во овој дел од мечот функционираше беспрекорно, па Јакобсен мораше да побара тајмаут за да најде лек за македонскиот состав, при резултат 20-19 во 39. Минута. Само за момент „лавовите“ се разбудија и поведоа со 20-21, пред Вардар предводен од Карачиќ набрзина да постигне три гола и на половина од второто полувреме да има предност од 23-21. При 24-22 блесна и Милосављев, бранејќи пенал за тотална еуфорија во СЦ „Јане Сандански“, српскиот голман потоа му запре уште два удари „од место“ на Анди Шмид овозможувајќи Вардар да дојде до 27-24, резултат при кој гостите побараа уште еден тајмаут.
„Лавовите“ собраа сили и на пет минути до крајот со седмиот гол на Петерсон намалија на „минус еден“ (28-27). Гостите не реализираа и напад за израмнување, по што Скубе тргна храбро во клучните моменти, изнудувајќи пенал и исклучување. Дибиров беше прецизен од седум метри, во следниот напад зицер промаши Колбахер, а сите дилеми околу победникот исчезнаа кога Милосављев го одбрани ударот на Петерсон, за овој драматичен натпревар да заврши со конечни 29-27 во корист на Вардар.
Дибиров беше најзаслужен за оваа победа со осум погодоци, а по четири гола за Вардар постигнаа Карачиќ и Борозан. Најдобри поединци кај гостите од Германија беа Петерсон со седум и Сигурдсон со шест погодоци.