Столтенберг : Нема план „Б“, ниту пак друга алтернатива за Македонија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг порача дека Македонија има прилика која што се случува еднаш во животот и дека може да стане членка на Алијансата само доколку биде прифатен договорот за името со Грција.
„Цврсто верувам дека, кога зборуваме за ФИРОМ, дека владата мора сега да ги одреди следните чекори. На владата и собранието останува да биде донесена одлуката. Да одлучат да одат напред, како да реагираат на референдумот и сите политички импликации и последици кои што ги донесе“, изјави Столтенберг.
Првиот човек на најмоќниот воен сојуз на светот нагласи дека, доколку демократските институции во Скопје, одлучат да го спроведат целосно Договорот со Грција, тогаш НАТО од своја страна е подготвен да ја прифати Македонија како 30-та земја членка на НАТО и тоа веднаш.
„Можеме брзо да пристапиме кон потпишување на протоколот за пристапување, набрзо после промената на името. На демократски избраните институции во Македонија останува тоа дали ќе го прифатат и применат договорот за името. Ние сме подготвени да ја прифатиме Македонија како нова членка“, порача тој.
Столтенберг меѓу другото нагласи дека „не постои План Б“ и за нашата земја нема друга алтерантива.
„Нема пристапување без договорот за името. Единствениот начин за членство е земјата да се договори за името со Грција. Затоа ние го поздравивме договорот со Грција“, нагласи Столтенберг.
Првиот човек на НАТО исто така нагласи дека Алијансата никогаш нема да ја присилува Македонија да донесе било каква одлука, затоа што сепак станува збор за една суверена одлука на една суверена држава.
„Ова е прилика која што се случува еднаш во животот. Македонија има прилика да го искористи овој историски момент“, изјави Јенс Столтенберг.