На продолжението од судското рочиште за предметот на СЈО, под кодно име „Траекторија“, обвинителката Лиле Стефанова презентира 156 пораки меѓу Миле Јанакиески и Елена Кузманоска од 2012 и 2013 година за договорот со Кинезите за изградбата на автопатиштата во Македонија.
Во СМС-порака меѓу нив двајцата, од 6 декември 2013 година Јанакиески на Кузманоска и’ пишува: „Многу е сериозен проектот да работиме како муви без глави. Досега така го работевме“.
Во следна СМС-порака од истиот ден, пишува: „Нема да ги пишува таа црната, туку Данче и уште еден што беа убедени дека договорот е спротивен на Законот за јавни набавки“.
Во 29 СМС-пораки меѓу Миле Јанакиески и Кирил Божиновски има комуникација за договорот со Кинезите за автопатиштата.
Во порака од 3 март 2013 година пишува: „ПС. Зборна за Жутиве?“. Во друга порака пишува: „На Кинезиве очиве почнаа да им се отвораат од чекање“.
На 26 октомври продолжува изведувањето на СМС-пораките.
Во предметот „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се обвинети дека во текот 2012 и 2013 година презеле дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања, со што според СЈО, на државниот буџет му нанеле штета од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.