Македонија работи активно на постигнување на родовата еднаквост и заштитата од дискриминација. Развиваме Национален индекс за родова еднаквост, во кој ќе биде вклучен индикатор за мерење на родовата рамноправност со кој ќе се прави споредба со ЕУ и нејзините земји-членки, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на неформалниот појадок во Виена во организација на австриското претседателство на Советот на ЕУ.
Министерката додаде дека со воспоставувањето на е-обуки на цела администрација и воведувањето на родово одговорно буџетирање ќе се направи механизам со кој што родовата рамноправност нема да се гледа како изолирано прашање, туку како дел од сите национални политики кои се носат во државата.
Како што информираат од МТСП, на наформалниот состанок во Виена министрите дискутирале за прашањето „Како дигитализацијата придонесува за еднакво граѓанско и политичко учество на девојчињата и момчињата?“
Според ресорното министерство, напредокот во родовата еднаквост се гледа и од статистичките податоци.
„Во Македонија според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година од вкупниот број на корисници на интернет 48,7% биле жени и 51,3% мажи, а овој број во 2017 година се зголемил за 76,8% за жени и 81% за мажи. Расте и свесноста на девојчињата и жените за школување. Тоа го покажуваат и бројките на застапеност на девојките во високото образование со 31%, наспроти бројот на момчиња 22%. Бројот на девојки кои дипломирале на природните математички науки е поголем од бројот на момчиња (2.8% во 2016 година девојки, наспроти 1.8% во 2016 година момчиња). Во техничките науки, пак, бројот на дипломирани жени (5,07% во 2016 година) е помал од бројот на дипломирани студенти од машки пол (8,2% во 2016 година)“, појаснуваат од МТСП.
Оттаму додаваат дека на состанокот во Виена, министерката Царовска се сретнала со австриската федерална министерка за жени, семејство и млади, Жулиен Богнер Штраус како и со Силви Дурер, директорка на швајцарската федерална канцеларија за родова еднаквост.