Владата и медиумските организации за стандардизација на интернет медиумите
Претставници на трите медиумски организации ЗНМ, ССНМ и СЕММ, кои ја водат иницијативата за создавање минимум критериуми во насока на заштита и промоција на професијата во интернет медиумите, денеска на средба со претставници на Владата информирале за основната идеја и потребата да се почитуваат основните принципи на новинарската професија во интернет сферата.
Како што соопштија од владината прес-служба, на состанокот присуствувале министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, советникот за односи со јавност на премиерот, Марјан Забрчанец и портпаролот на Владата Миле Бошњаковски одржаа работен состанок со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, претседателот на Управниот одбор на Советот за етика на медиумите, Катерина Синадиновска и претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис.
– Министерот Поповски на состанокот ја поздрави иницијативата, потенцирајќи дека организациите се на вистинскиот пат преку саморегулација да ги посочат и утврдат недореченостите кои постојат во сферата на интернет медиумите со цел да се постигнат етичките стандарди, стои во соопштението.
На работниот состанок медиумските организации исто така ги најавиле следните активности поврзани со иницијативата, односно дополнително усогласување на критериуми и временски рок со цел сите засегнати страни кои работат на интернет просторот во Македонија, да имаат период за прилагодување.
– Владата на Република Македонија, јасно укажува дека секогаш ќе биде партнер на медиумските организации во нивните активности кои се од исклучителна важност, како за медиумите и медиумските работници, така и за јавниот интерес на граѓаните на земјава, се наведува во соопштението.