Мухиќ се премисли, ќе гласа ЗА договорот
Независниот пратеник Ферид Мухиќ го смени првичниот став и од собраниската говорница порача дека ќе гласа за уставните амандмани. Тој по својот говор доби аплауз од пратениците од мнозинството. Тој остана на својата позиција дека Договорот од Преспа е лош, но додаде дека подобар не може да се постигне.
Мухиќ рече дека за славната Македонија вреди и да се жртвува животот и ако треба да се оди во смрт. Тој додаде дека ако е готов да го изоди патот на чесност и праведност, за својот морал, тоа е еден проблем. Но, додаде дека така ризикува да носи на душа 20.000 луѓе кои гласале за него и оти тоа е друга работа.
– Договорот и иднината што ја нуди ги надминува сите наши други интереси. Затоа со голема радост и чувство дека имам привилегија да бидам еден од оние што решаваат за нашата иднина, ќе гласам и ќе го поддржам овој Договор – рече Мухиќ.
Мухиќ рече дека неговото приватно убедување и натаму ќе го брани жестоко, но дека сега не смееме да имаме само приватно убедување.