Денеска точно напладне треба да почне редовната 95. владина седница, која на дневниот ред, според најавите од Владата, ќе има повеќе точки.
На денешната седница Владата ќе ја разгледа информацијата за пренамена на средства од Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии за финансирање проекти од областа за наводнување, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат од прес-службата на Владата во чие соопшение се додава и дека Министерството за економија денеска пред министрите во Владата ќе ја презентира информацијата во врска со формирање работна група за Национален акциски план за енергија и клима.
„На денешната седница Владата ќе се произнесе и по информацијата за обезбедување деловен простор за проектот за отворање инфо-центар за евро-атлантски интеграции, на предлог на Министерството за надворешни работи. На оваа 95. седница на Владата на РМ, со дневниот ред е најавена и информација за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци, како и информација за анализа за алтернативна локација за изградба на нов Универзитетски клинички центар во Скопје и формирање работна група за вршење на анализата“, се посочува во соопштението.
Според најавите, денеска ќе се разгледа и информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес – Гевгелија. За дневниот ред на денешната седница на Владата, националната установа Археолошки музеј на Македонија – Скопје ќе информира и за реализација на меѓународна изложба .