ЗНМ, ССНМ и МАН со осуда за забраната на Телма за коментирање на интернет
Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), и Македонската асоцијација на новинари (МАН), денеска во одделни соопштенија до јавноста ја осудија забраната на телевизија Телма, со која на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи.
– ЗНМ остро ја осудува практиката на Атанас Кировски, директор и главен и одговорен уредник на Телма, кој на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи и им се заканува со казни ако не ја почитуваат ваквата наредба, наведува Здружението.
Според ЗНМ, општо и арбитрарно забранување на секакви коментари и мислења на новинари во социјални мрежи повикувајќи се на почитување на наводна неутралност од политичките процеси, претставува најбрутално кршење на слободата на говорот, кое е загарантирано со македонското и меѓународното право.
Здружението наведува оти „забраната е еклатантен пример на цензура на интернет, што има за цел да поттикне самоцензура кај новинарите на Телма за да го прилагодат нивното известување согласно вкусот на главниот и одговорен уредник Кировски“.
– Во светот има практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат да коментираат за политичките процеси на социјалните мрежи со цел да се сочува угледот на медиумот и тоа претежно се применува во јавните радиодифузни сервиси, додава ЗНМ.
Меѓутоа, како што посочува ЗНМ, таквото ограничување е предвидено во внатрешните етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизира за кои новинари се однесува и во кои ситуации можат да се применат ограничувањата.
– Самиот факт дека забрана за коментирање на социјални мрежи не го опфаќа и самиот директор и главен и одговорен уредник на Телма, покажува да практиката не е формализирана преку донесување на внатрешен акт, туку е своеволна одлука, која е селективна и дискриминаторска. Целта на забраната првенствено не е да се сочува угледот на телевизијата, туку да се контролира новинарската слобода, посочува ЗНМ.
Здружението на новинари јавно го повикува директорот Кировски да ја повлече ваквата забрана затоа што, како што наведува ЗНМ, со вакви непромислени одлуки се ограничува новинарското изразување што негативно ќе се одрази на квалитетот на програмата и угледот во јавноста за Телма, која претендира да биде слободен и професионален медиум.
ССНМ, пак, бара од одговорниот уредник Атанас Кировски да ја повлече наредбата за забрана на изразување мислења и ставови на социјалните мрежи на новинарите вработени во редакцијата објавена на огласната табла на медиумот.
ССНМ смета дека содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки, не само за новинарите во ТВ Телма, туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство. Однесувањето на новинарите на социјалните мрежи не може и не смее да се ограничува, исто како што не може и не смее да има разлика меѓу нивниот професионален и приватен систем на вредности.
– Со неразбирањето на ова и истакнувањето на еднонасочно срочена забрана со најава за санкции, менаџментот на ТВ Телма покажува елементарно непочитување на прашањето за општествена одговорност,не само на новинарите, туку и на медиумите и не може поинаку да се толкува, освен како израз на своеволие што оди во насока на попречување на слободата на мислење и говор, темелни права на човекот, на што ССНМ никогаш нема да се согласи, наведува ССНМ.
МАН наведува дека профилите на социјалните мрежи се лични профили на вработените, нивен личен медиум, а не сопственост на Телма или било кое друго правно лице или невладина организација.
– Веруваме дека до тука сите запознаени со правилата на социјалните мрежи и законите во РМ. Оттука, секој има право да објавува, доколку не се коси со законите и Уставот, односно не е ширење на говор на омраза, национална и верска нетрпеливост, лажни вести, навреда и клевета, лажни обвинувања за криминал од секаков вид. Доколку се објавуваат линкови и информации поврзани со медиумот во кој работат или друг медиум, важно е да се почитуваат правилата на саморегулација. Се останато треба да се регулира со писмен договор на двете страни, наведува МАН во реакцијата.
МАН го потсетува одговорниот уредник на Телма Атанас Кировски дека токму тој е активен корисник на социјалните мрежи, па оттука, позитивен пример би дал доколку самиот тој прв започне да ги користи согласно неговите законски права и обврски, а не за политички проценки, кои се покажаа како целосна утка.