Легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона пред неколку дена предизвика бура од реакции поради неговата изјава за „лидерските способности на Лионел Меси“.
Марадона за Меси изјави дека „не може да биде лидер на Аргентина со оглед на тоа што пред натпревар оди по 20 пати во тоалет“, па откако следуваше бура на реакции, сега планира да му се извини на ѕвездата на Барселона.
„Диего е многу тажен затоа што неговите зборови беа сфатени како критика на сметка на Меси. Диего е лидер и отсекогаш го поддржувал националниот тим. Тој само сакаше да објасни дека Лионел е поинаков од него, а не да го понижи“, изјави адвокатот на Диего Марадона, Матијас Мерло и додаде:
„Сакаше да каже дека Меси не се наметнува како лидер, ништо повеќе од тоа. Диего лично ќе му се јави на Меси да му објасни се и да му се извини. Сепак, Меси веројатно и самиот знае што мисли Диего за него, колку го сака и го почитува“, изјави Мерло.