Калкулантската политика на раководството на ДПМНЕ, налага ново и прочистено ВМРО ДПМНЕ
Власта вчера го покажа своето вистинско грдо лице применувајќи ја во пракса изреката ,,целта ги оправдува средствата”. Зад перфидната вербална флоскула ,,помирување”, на лидерот на СДСМ, се виде дека се крие вешто смислена порака за судството и обвинетите пратеници, кои поткленаа на вешто скроено сценарио. Судиите и обвинителите од времето на Груевски, без око да им трепне јавно покажаа кој им е газда и наредбодател. Исто тоа се случи и со пратениците кои до вчера му слугуваа на поранешниот вмровски лидер и кои истовремено во име на патриотизмот си ги полнеа своите џепови. Гласот ,,ЗА” во замена за ослободување од одговорност за сторените зла, беше главна мотивација и инспирација за овие пратеници. Пазарот за спас на сопствената кожа, само ја потврди нивната вина, соучесништво и измеќарлук, како во минатото така и во иднина.
Во оваа прилика сакаме да им одададеме почит на сите пратеници на ВМРО ДПМНЕ кои и покрај сите притисоци на сдсмовско-дуиџиската власт остана достоинствени, покажа свест и совест и останаа на висината на патриотизмот, без разлика што за некои од нив постојат обвиненија или можеби се водат предистражни или истражни постапки.
Последиците од со години криминалниот начин на водење на партијата, нејзината узурпација од страна на семејната структура и нивните извршители, избор на партиски функционери по принципот на беспоговорна послушност, неводењето сметка за идолошката матрица на функционерите, обидот партијата да се претвори во движења како и други аномалии на кои укажувавме сиве овие години, вчера испливаа на површина во своето вистинско негативно светло. Се случи ,,со свој камен по своја глава”. Доколку најитно не се стави крај на ваквиот начин на функционирање на партијата последиците по однос на државата и партијата ќе бидат уште поголеми.
По вчерашното предавство на партијата и државата од високи партиски структури сега е вистински и последен момент членството на партијата да побара одржување на вонреден партиски Конгрес. Потребно е да се понесе одговорност зошто не се послуша советот на фракцијата пратениците да си поднесат оставка на функцијата поради реалната опсаност и можност од уцена, закани и нивно купување. Актуелното раководство на ДПМНЕ свесно и намерно ги доведе дел од пратениците во таква ситуација. Потребена е политичка одговорност за водењето на калкулантската политика. Не може да се води најголема опозициона политичка партија од луѓе кои со едно око му намигнуваат на членството, а со друго на политичкиот противник и меѓународната заедница, а зад грбот на сите штитат криминални партиски структури.
Итно е потребно Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, како највисок партиски орган, да донесе когресна одлука со која ќе се определи дали: ВМРО ДПМНЕ во иднина ќе биде партија или движење; дали и понатаму ќе функционира без идеологија и како злосторничко криминално здружение или во пак најитно ќе се врати на демократскиот колосек како современа демократска и патриотска политичка партија, која ќе биде на браникот на националните интереси. Последиците од едното или другото ги знаат сите искрени и чесни членови, симпатизери и приврзаници на партијата. На државата и на граѓаните потребно им е ВМРО ДПМНЕ прочистено од криминални структури, кариеристи, прислужници, бандити, непринципиелни и дезидеологизирани персони желни само за власт и сопствен комодитет.
Почитувани искрени и чесни членови на партијата, Вие сте на потег. Или ќе си ја сочуваме партијата или ризикуваме да ја изгубиме засекогаш.