Мијалков: Отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз ВМРО ДПМНЕ
Не е време за создавање поделби. Ни треба единство како никогаш до сега, вели екс директорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков во изјава за Press24.
„Заради зачестеното присуство на моето име во некои медиуми во изминатите 2-3 дена, чувствувам обврска да дадам свој коментар по однос на истите.
Имено, на денот на мојата оставка од сите партиски функции минатата година, немам учество во какво било својство и форма во работењето на политичката партија во која сум поминал децении.
Оттука, отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав.
Во таа насока, сметам дека во овој момент, во интерес на сериозните предизвици со кои се соочува нашата партија, е потребно единство како никогаш до сега. Најмалку потребно во овие моменти е создавање поделби кои ќе имаат за цел да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ.
Не смее да заборавиме дека историското ВМРО имало про-западна ориентација исто како и ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање. Овој про-западен концепт беше еден од фундаментите на партијата, со крајна цел интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
Им порачувам на сите патриоти, членови и поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, дека е потребно силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде стожер на сигурна, безбедна и просперитетна Македонија.“ – вели Мијалков за Press24.
Извор: Пресс24