Летањето – убавина што треба да се доживее

Летањето – убавина што треба да се доживее

Чувството да се лета е неописливо, тоа е убавина што треба да се доживее, но посебно е чувството да се обучи млад човек, да се пренесе знаењето на помладите генерации, вели Драган Саздовски, инструктор и управител во Аероклубот Куманово. Клубот под ова име функционира веќе трета година, а се смета за наследник на клубот „Доне Божинов”, што опстојувал со години наназад. Група млади луѓе од повеќе градови од Македонија овие есенски денови го посетија аеродромот „Аџитепе” за да се запознаат со клубот. Некои од нив се возеа со авионот, а некои со едрилицата. Велат дека чувството е неописливо, особено беа воодушевени од тишината во едрилицата, која лебди неколку минути над просторот на Аџитепе.

Дваесет и петгодишниот млад пилот Благоја Додевски го вози авионот, што со јаже е поврзан со едрилицата. Во неа се инструкторот Саздовски и 29-годишниот Мартин Паневски, кој се обучува во клубот. По полетувањето, авионот и едрилицата ја постигнуваат потребната височина, по што се отпушта јажето и едрилицата останува да лебди во воздухот.

Двајцата млади членови на овој клуб, Додевски и Паневски, велат дека се вљубиле во летањето поради адреналинот и можноста за стекнување нови искуства. Она што го истакнуваат е дека во леталата се чувствуваат како птици. Неретко друштво им прават соколите, кои се движат по истите воздушни линии како и едрилицата. И панорамата воодушевува, велат младите членови на клубот. Колку повеќе леташ, толку повеќе го сакаш летањето, порачуваат тие, иако, велат, секој лет е поинакво искуство.

Клубот е отворен за да ги прибере кадрите кои сакаат да се обучуваат за пилоти на едрилици, за пилоти на авион и за падобранци, што функционирало во минатото, сега е во пауза и штом ќе се создадат услови, додаваат од клубот, ќе се продолжи и со оваа обука. Во моментов има четворица кандидати за пилоти за едрилица и тројца за пилоти на авиони. Оние кои сакаат да се едуцираат мора да имаат 17 години и да се во добра здравствена состојба. Пред да се почне со практична настава, потребно е да се помине теоретскиот дел што опфаќа група предмети, меѓу кои метеорологија, механика на авиони, правила и прописи, по што следува полагање, а потоа и практичен дел, односно 61 старт полетување и слетување.

-Едрилиците се двоседи, инструкторот и ученикот имаат исти команди, за да се следи состојбата, нешто слично како што се учи да се вози автомобил со инструктор, вели Саздовски. Тој обучил над 40-тина млади, дел од нив успешни пилоти во Армијата, во стопанската авијација, во патничката авијација. Самиот почнал да лета од 1970 година, кога имал 17 години.

Младите обично можат сами да управуваат по 45-50 часа. За да станат инструктори, потребни им се најмалку 200 часа акробатско летање, летање под покривач, по што мора да полагаат пред државна комисија во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Клубот во Куманово обучува кадри од целата држава и од други држави. Безброј трофеи и медали сведочат за успесите на кумановскиот клуб.

Аеродромот Аџитепе првпат се споменува во пишани документи во 1928 година, а клубот почнал да функционира во 1948 година. Тогаш со едрилици се летало по пет-десет секунди. Пистата на Аџитепе е долга 2.050 метри, а во употреба се 1.000 метри должина на 100 метри ширина. Клубот е отворен секој ден и секој може да доживее да лета и панорамски да ужива во погледот и во висините на сокол.

Треба да знаете
Последни објави