Реал Мадрид го назначи Сантијаго Солари за привремено решение на клупата откако му беше врачен отказ на Хулен Лопетеги, а како што пренесуваат угледните мадридски медиуми, наредните десет дена ќе ни откријат дали Аргентинецот ќе добие шанса на долгорочен план, или пак на негово место ќе биде доведен тренер кој има поголемо искуство за вакви кризни ситуации.
Тешкиот пораз од Барселона на „Ел Класико“ дербито го натера Бордот на директори да му врачи отказ на Лопетеги, а во ситуација кога има двоумици околу тоа дали Солари е вистинското решение, со интересна изјава излезе една легенда на Реал Мадрид.
Незаборавниот мексикански напаѓач Уго Санчез кој решеташе во дресот на Реал во периодот од 1985-та до 1992-ра година јавно му се понуди на Флорентино Перез за тренерската функција, посочувајќи дека е доволно зрел и подготвен да го води првиот тим.
– Малкумина во светот можат да бидат лидери на овој состав и можам да му кажам на Перез дека јас сум подготвен. Флорентино, чекам да ми се јавиш. Ако сака да ми се јави, знае каде ќе ме најде. Способен сум и подготвен да го водам тимот. Го чекам неговиот повик, – истакна Уго Санчез.