Верушевски побарал доколку може да се снимаат и броевите на Груевски и Мијалков
Зоран Верушевски откако почнало вадењето на телефонските разговори побарал доколку може, да се маркираат односно да се внесат во системот за прислушување броевите на тогашниот премиер, Никола Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков.
Ова барање Ѓорги Лазаревски и Звонко Костовски одбиле да го исполнат.
„Нас не ни падна на памет да направиме такво нешто бидејќи сѐ што се маркира останува како траен запис кај операторите кои беа контролирани. Не сакавме да маркираме бидејќи не сакавме да направиме криминал“, вели Лазаревски.
Како што тврди, селектирањето на материјалите го правеле Верушевски и Костовски, а тој само пренесувал пораки меѓу нив.
Дисковите првично биле предавани два пати неделно, а потоа дошло до прекин поради летниот период. Од септември повторно продолжиле со префрлување на информациите.
Во кривичниот суд, со сведочење на Ѓорѓи Лазаревски денеска продолжи судењето за предметот за масовното прислушување на СЈО, „Таргет-Тврдина“. Додека траело прислушувањето, Лазаревски работел како инженер во УБК.