Министрите за труд и социјална политика од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија денеска потпишаа Декларација за унапредување на социјалната политика на Западниот Балкан.
Како што јави дописникот на МИА, во организација на српското Министерство за труд, вработување и социјални прашања и германската невладина организација „ASB- Arbeiter Samariter Bund” се одржа меѓународна конференцијата „Иницијатива за социјална димензија на ЕУ интеграциите”. Покрај министрите за социјална политика од регионот, пратеници од Европскиот парламент, учествуваше и министерката за труд и социјална политика на Република Македонија Мила Царовска.
-Со потпишувањето на оваа Декларација целиот регион се приклучува на една иницијатива која означува повеќе искористување на европските средства за социјални инвестиции, за социјална заштита. Сметаме дека тоа во изминатиот период недостигаше и токму затоа сите заеднички укажуваме дека социјалната полититка е една од најважните политики кои треба да инвестираат во човечкиот капитал, оцени Царовска.
Со инвестиција во најрана возраст, како што рече, можеме да ја подготвиме Македонија понатаму со човечки капитал кој ќе придонесе на економскиот раст и развој на државата.
-Македонија е во процес на социјална реформа и новите закони се поставени на јавна дебата, што е и идејата целиот регион да се придвижи кон одредени инвестирања во социјалната сфера бидејќи самите индикатори на Светска банка покажаа дека земјите во регионот малку инвестираат во човечкиот капитал и овие индикатори затоа се многу ниски, изјави министерката Царовска по завршувањето на Конференцијата.
Македонија како една од земјите во регионот, како што рече, воведува минимален адекватен приход и на тоа додава детски додатоци за образование и воопшто детскиот додаток со што се намалува детската сиромаштија.
Според неа, развојот на социјалните услуги и на Македонија и во регионот е на многу ниско ниво. Затоа на оваа средба, како што рече, дискутиравме како граѓанските организации да се вклучат во развојот и создавањето на социјалните услуги.
-Македонија веќе воспоставува таква пракса, како и методологија на чинење на цена на услугата. Сметаме дека во наредниот период ќе покажеме дека Македонија е лидер во регионот која во социјалната заштита ќе ги зајакне механизмите и ќе се доближи до стандардите на европските земји, нагласи Царовска.
Присутните преку видео порака ги поздрави и еврокомесарот Јоханес Хан, кој порача дека модернизацијата, демократизацијата и евроинтеграциите на земјите кандидати зависат од квалитетот на животот на граѓаните и нивниот просперитет. Додаде дека ЕУ ќе продолжи со подршката на реформите кои ќе ги подобрат таквите промени.
Целта на конференцијата во Белград беше покренување дијалог во регионот за потребните реформи за социјалната политика и заштита, за политиката на вработување во процесот на евроинтеграциите и за унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.