Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, престојува во работна посета на Германија по покана на претседателот на Комисијата за ЕУ-прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум.
Во своето обраќање пред членовите на оваа Комисија, Димитров брифира за најновиот развој на внатрешнополитичките состојби во Република Македонија, со акцент на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на договорот од Преспа.
Министерот Димитров се осврна и на реформската ЕУ и НАТО-агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа.
Министерот Димитров нагласи: „Решени сме да успееме и на следната средба заедно да го прославиме отворањето на пристапните преговори со ЕУ“.
Тој се сретна и со Јан Хекер, советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Ангела Меркел.
„Двајцата соговорници дискутираа за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република Македонија се, пред сè, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички беше потврдено дека историската посета на канцеларката Меркел на 8 септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи“, соопшти Министерството за надворешни работи.“
Утре, Димитров ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Хајко Мас.