Помина нешто повеќе од една година откако Осман Дембеле потпиша за Барселона, а младиот талент сѐ уште не блесна како што очекуваа навивачите на каталонскиот клуб. Наместо тоа, тој сѐ почесто предизвикува проблеми во тимот, а овојпат навистина го налути раководството на Барселона.
Напаѓачот на Барселона го пропушти вчерашниот тренинг на тимот, а стручниот штаб е вознемирен поради неговиот однос кон ситуацијата. Повеќе од час и половина тој не се јавувал на телефон, по што тренерот Валверде и раководството на клубот се посомневале дека се работи за несреќа.
Официјалната изјава од клубот вели дека Осман Дембеле го пропуштил тренингот бидејќи пати од потежок вид на гастроентеритис, односно цревна вироза. Како што тврдат медиумите блиски до Барселона, тој во текот на целиот ден останал во неговиот стан и пробал да се лекува самиот.
Шпанските медиуми и понатаму најавуваат дека Барселона пробува да се ослободи од младиот Французин иако тој е вториот најскап играч во историјата на клубот. Причината за тоа? Неговата претерана лежерност и непрофесионално однесување. Изгледа дека ниту цената од 115 милиони евра не е доволна за да гарантира дека фудбалерот ќе биде одговорен откако ќе пристигне во клубот.
Пред неколку недели наводно тој намерно задоцнил на натпреварот против Интер во рамките на групната фаза од Лигата на шампионите, како и на тренингот кој се одржа само ден претходно.
Според шпекулациите, сѐ поизвесен е трансферот на Осман Дембеле во Ливерпул, кој би можел да се случи уште во јануарскиот преоден рок.