Во Основниот суд Скопје 1 пред половина час се донесени на распит неколку осомничени во случајот „Империја“, кои со возила на полицијата беа спроведени директно во гаражите на судот за да ги избегнат новинарите. На идентичен начин во судот дојдоа и претставници на Специјалното јавно обвинителство. Во судот дојде и адвокатот Антонио Апостолски во друштво со поранешната сопруга на Орце Камчев.
СЈО денеска информираше дека е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Според СЈО, побаран е притвор за петмина осомничени, но не е познато за кого станува збор. Претходно во судот беше донесен Цветан Панделески, кој беше снимен од новинарските екипи.
Панделески, које сопственик на ЗК „Пелагонија“ со соопштение порача дека нема криминално работење во компаниите на неговата фамилија, слично како и Орце Камчев кој во соопштение рече дека „Орка Холдинг“
Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.(И.Ш.)
Фото: Слободан Ѓуриќ